Р е ц е н з и




ИмеР е ц е н з и
Дата на преобразуване26.01.2013
Размер433.79 Kb.
ТипДокументация
източникhttp://www.stomfak.ukim.edu.mk/upload_bibl/dok/81_226428007.docx
Р Е Ц Е Н З И Ј А


НА ДОКТОРСКАТА ДИСЕРТАЦИЈА


,, ИМПЛИКАЦИЈА НА КОНТИНУИРАНАТА АНТИТРОМБОЦИТНА

ТЕРАПИЈА ВРЗ ИНТРАОПЕРАТИВНОТО И ПОСТОПЕРАТИВНОТО

КРВАВЕЊЕ ПРИ ИЗВЕДУВАЊЕТО НА ОРАЛНОХИРУРШКИТЕ

ИНТЕРВЕНЦИИ,


од ас. д-р Едвард Јанев, м-р сци, пријавена на Стоматолошкиот Факултет,во Скопје.


Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет во Скопје, на својата 22.та редовна седница одржана на 22.02.2012 година, по предлог на Научниот одбор, донесе одлука за формирање на Рецензентска комисија за оцена и одбрана на докторската дисертација, поднесена од ас.д-р Едвард Јанев, со наслов: ,,Импликација на континуираната антитромбоцитна терапија врз интраоперативното и постоперативното крвавење при изведувањето на оралнохируршките интервенции , во состав: проф. д-р Борис Величковски, , проф. д-р Стојанка Костовска, проф. д-р Марија Накова, проф. д-р Митко Ќаев, проф. д-р Владимир Поповски.

Рецензентската комисија, по разгледувањето на доставениот материјал, го поднесува следниов,


И З В Е Ш Т А Ј


Докторската дисертација на ас. д-р Едвард Јанев м-р. сци со наслов: “Импликација на континуираната антитромбоцитна терапија врз интраоперативното и постоперативното крвавење при изведувањето на оралнохируршките интервенции “, претставува научен, самостоен и оригинален труд, кој обработува актуелна проблематика од секојдневната стоматолошка практика.


Докторската дисертација е опишана на 211 страници и содржи: 90 табели,66 графикони,46 слики,186 библиографски единици,кратка содржина на македонски јазик и апстракт на англиски јазик. Структурата на докторската дисертација ја сочинуваат осум поглавја, и тоа: Вовед со литературен преглед, Цел на дисертацијата, Материјал на работа, Методи на испитување, Резултати, Дискусија, Заклучок и Библиографија.


Кандидатот во оваа докторска теза се зафаќа и обработува една многу суптилна проблематика како што е влијанието на континуираната антитромбоцитна терапија врз интраоперативното и постоперативното крвавење при ефектуирањето на секојдневните оралнохируршки интервенции.

Во поглавјето Вовед, на шест страници авторот истакнува дека денес стоматолозите, а особено оралните хирурзи во својата секојдневна практика се повеќе се соочуваат со пациенти кои примаат антиагрегациски препарати. Антитромбоцитната терапија дејствува на тој начин што ја нарушува функцијата на тромбоцитите при формирањето на тромбот,па за таа цел пациентите со тромбоза,тромбофлембити,коронарни синдроми и цереброваскуларни заболувања примаат ацетилсалицилна киселина, аспирин и клопидогрел.

Докторандот потенцира дека меѓу авторите постои дилема ,поделени ставови и различни мислења околу прашањето дали кај пациентите со антитромбоцитна терапија при екстракциите на заби или изведувањето на некои оралнохируршки интервенции дали треба или не треба да се прекине со антиагрегациската терапија.

Практиката до пред извесно време укажуваше на фактот дека основно правило пред секоја оралнохируршка интервенција е да се прекине, да се стопира или да се редуцира антитромбоцитната терапија неколку дена пред и по интервенцијата поради ризикот од неконтролираното интраоперативно и постоперативно крвавење. На овој начин се зголемува ризикот од појава на тромбоемболички испади или, пак, влошување на основното заболување поради кое била пропишана антиагрегациската терапија.

Денес современите сознанија,стекнати врз база на најновите научни истражувања, укажуваат дека не треба да се прекинува антитромбоцитната терапија за време на оралнохируршките интервенции поставувајќи го на тој начин прашањето дали бенефитот кој се добива со повлекувањето на овие лекарства може да се компарира со ризикот од појава на тромбоемболизам, миокарден инфаркт, инсулт, клаудикација,па дури и можен леталитет.

Во поглавјето литературен преглед, изнесено на 64 страници, прикажани се,процесот на хемостаза, тромбоза,улогата и активирањето на тромбоцитите при формирањето на тромбот, односно агрегацијата и атхезијата како комплементарен примарен процес при организирањето на тромбоцитниот тромб.Во ова поглавје докторандот се осврнува исто така на медикаментите кои дејствуваат врз функцијата на тромбоцитите, болестите и нарушувањата кои доведуваат до намален број на тромбоцитите, нарушувања кои доведуваат до тромбоцитна дисфункција, како и заболувања во кои тромбоцитите имаат клучна улога.

Дијагностичкиот процес е од особена важност и клиничкиот третман на тромботичните заболувања во последниве години е значително напреднат, што го мотивирало и го поттикнало кандидатот за ова истражување, условен од намерата за намалување на ризикот од можни компликации како што претставуваат тромбоемболичките испади и пролонгираната и потенцирана хеморагија кај пациентите со кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања.

Приказот на литературата е адекватно презентиран, цитирани се поголем број автори со исцрпни информации што овозможуваат да се осознаат најновите трендови од оваа област.Еден дел од цитираната литература се однесува на воведувањето на нови лабораториски параметри за евалуација на ефектот на антитромбоцитните агенси пред изведувањето на оралнохируршките интервенции.Во други научноистражувачки студии се презентираат понови средства за локална постоперативна хемостаза, формирајќи протокол за превенција на хеморагијата.

Цитирани се и автори од понов датум што претставува уште една потврда за актуелноста на темата и приодот во дефинираноста на тезите од докторската дисертација,со цел да се изнајде решение и баланс помеѓу ризикот од крвавење при одредени стоматолошки процедури и потенцијалниот ризик од развивање на тромбоемболизам.

Гледано од поширок аспецт, ова истражување претставува проширување и продлабочување на знаењата за тромботичките состојби и импликацијата на антиагрегациската терапија, поткрепени со најсовремени дијагностички и клинички анализи кои ги потврдуваат новоутврдените ставови.

Целта на докторската дисертација е конципирана од претходно изнесените сознанија ,сегмент по сегмент низ една транспарентност во приодот на основниот проблем, при што се поставени децидни ставови за да се обезбеди интраоперативна и постоперативна хемостаза кај пациентите со антитромбоцитна терапија. Целите во ова научно истражување се адекватно одбрани и јасно дефинирани,насочен во неколку сегменти, со цел да се верифицираат фундаменталните тези преку компаративни анализи во текот на испитувачкиот процес.

Главната цел поставена од кандидатот во оваа истражувачка студија е потврдување на генералната хипотеза за прецизно поставување на причинските зависности меѓу параметрите за категоризација на основното заболување од една страна и дефинирање на постапките на оралнохируршката процедура од друга страна.

Научноистражувачката цел е поврзана со дефинирањето на односите со ризикот од интраоперативното и постоперативното крвавење при одредени стоматолошки процедури, споредувано со евентуалниот ризик од развивање на тромбоемболички епизоди кај пациентите со кардиоваскуларни, периферноваскуларни и цереброваскуларни заболувања.

Во контекст на ова, основната цел претставува да се спречи, односно да се минимализира ризикот од појава на несакани компликации, дефинирана преку посебно изнесените цели.

Апликативната вредност од ова истражување ќе резултира создавање на нови научни основи за дециден приод и концизно дефиниран план за формирање на доктринарни ставови и изградување на солидни основи за формулирање на протокол со мултидисциплинарен приод на пациентите со антитромбоцитна терапија при изведувањето на оралнохируршките зафати. Исклучително важна цел претставува минимализирањето на можноста од настанување на тромбоемболичките испади кај овие индивидуи,преку заземање на јасно дефиниран став и протокол спроведен во секојдневната практика.

Поглавјето Материјал и метод, на 10 страници дава преглед на вклучените 235 испитаници од двата пола.Испитуваната група содржи 200 возрасни испитаници кои примаат антитромбоцитна терапија поради постојно кардиоваскуларно или цереброваскуларно заболување. Испитаниците од истражувачкиот примерок биле поделени во пет групи (по 40 индивидуи со ангина пекторис, миокарден инфаркт, вграден интракоронарен стент, вграден артериски бајпас и цереброавскуалрен инсулт), според основната дијагноза која индицирала примена на антиагрегациската терапија .

Според динамиката на антитромбоцитната терапија, испитаниците додатно биле поделени во две групи, и тоа на индивидуи со континуирана антиагрегациска терапија за време на оралнохируршките интервенции и индивидуи со прекината антитромбоцитна терапија 5 до 7 дена пред изведувањето на оралнохируршките зафати.

Контролната група ја претставувале 35 здрави испитаници ослободени од каков било вид на медикаментозна терапија, индицирани за оралнохируршки интервенции.Антитромбоцитната терапија била застапувана со двата најчесто применувани препарата : аспирин со дневна доза 100-325 мг и клопидогрел со дневна доза од 75 мг .

Оралнохируршките интервенции биле поделени во четири категории,според ризикот од крвавење,во зависност од тежината на оперативниот третман, и тоа:

-рутински екстракции;

-сложени оралнохируршки интервенции како што се атипични и мултипни екстракции,инцизии,екцизии;

-комплексни оралнохируршки зафати со подигнување на флап и остеотомија.

Селекцијата на пациентите и оралнохируршките интервенции биле реализирани на Клиниката за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, додека хематолошките и интернистичките испитувања биле ефектуирани на Институтот за трансфузиологија,како и на хематологија и Кардиолошкиот клинички центар при Медицинскиот факултет во Скопје.

За реализација на поставената цел во ова студија, ас. д-р Едвард Јанев ги вклучил следниве методи и техники:

-детална лична анамнеза од оралнохируршки аспект за процена на општата здравствена состојба,утврдување на точната дијагноза за основното заболување,видот на антитромбоцитниот препарат и терапискиот спектар;

-изведување на клинички преглед, преку клинички и параклинички испитувања, со поставување на правилна дијагноза и индикација за оралнохируршка интервенција;

-проценување на тежината и обемот на оралнохируршката интервенција, според потенцијалниот ризик од интраоперативното и постоперативното крвавење;

-земање на крвен примерок за лабораториски анализи пред оралнохируршките зафати за одредување на бројот на тромбоцитите, агрегацијата, хематокритот и времето на крвавење.

Оралнохируршките интервенции се изведувале под локална анестезија со максимална внимателна и атрауматска работа.

Категоризацијата на испитаниците била направена според аплицираните различни видови на средства за локална хемостаза.

Контролни прегледи се изведувале во првиот, вториот, четвртиот, седмиот и десеттиот постоперативен ден со цел да се евидентираат постоперативното продолжено крвавење, ефектите од аплицираните локални средства за хемостаза, како и можните тромбоемболички испади.

Статистичка обработка на податоците од испитувањето.

Наодите од претходно споменатите испитувања, докторандот ги презентира на 68 страници во поглавјето Резултати.Сумарно се изложени и статистички се обработени податоците од испитувањето, а резултатите се графички и табеларно прикажани.

Структура на истражувачкиот материјал според пол и возраст.Половата структура на контролната група ја сочинуваат 21(60%),испитаници од машки пол и 14(40%), од женски, додека во групата на испитаници, со прекината и продолжена антитромбоцитна терапија, се од машки 111(55,5%), и 89(44,5%) од женски пол.Индивидуите од испитуваната група под антитромбоцитна терапија се статистички сигнификантно повозрасни компарирано со контролната група.

Волуменот на крвавење при изведувањето на оралнохируршките интервенции високо сигнификантно се разликува кај испитаниците од КГ со индивидуите од ИГ. Значајно помало е интраоперативното крвавење кај здравите испитаници споредено со индивидуите кои примаат антиагрегациска терапија,така што помалку од 20 мл крв губат интраоперативно 30(85,7%),испитаници од КГ, а 64(32%),испитаници од ИГ.Не се регистрирани индивидуи од КГ со интраоперативно крвавење поголемо од 50 мл, додека тој број во ИГ изнесува 39(19,5%).

Статистичката анализа потврди сигнификантна разлика меѓу испитаниците од КГ и ИГ во однос на вредностите на индексот на крвавење по еден ден по изведените оралнохируршки интервенции.Седум дена постоперативно без крвавење биле сите 35 здрави испитаници и 196 индивидуи со антиагрегациски препарати.Индексот на крварење нема значајно различни вредности кај здравите испитаници и индивидуите со антитромбоцитна терапија, седум дена по изведените оралнохируршки зафати.

Во однос на основната дијагноза, статистичката анализа покажа дека вредностите на индексот на крвавење одредени во текот на оралнохируршките интервенции несигнификантно се разликуваат помеѓу испитаниците со различни дијагнози. Индивидуите од КГ имале сигнификантно различни вредности споредено со сите видови дијагнози ,кои биле индицирани за ординирање на антитромбоцитната терапија.

Резултатите добиени со анализирање на просечното време на крвавење според опсежноста,тежината и сложеноста на оралнохируршките интервенции се покажале несигнификантни.

Просечното време на крвавење за време на оралнохруршките интервенции кај пациентите со континуирана антитромбоцитна терапија 13,3±4,6 мин. и е високо сигнификантно подолго од просечното време на крвавење компарирано со групата на испитаници со прекината антиагрегациска терапија 8,5±2,4, мин.


Статистичката анализа на пациентите со моно и двојна антитромбоцитна терапија покажала сигнификантна разлика во однос на индексот на периоперативното крвавење(п<0,05), а испитаниците со моно и двојна терапија имаат високо сигнификантно различни вредности(п<0,01), за индексот на периоперативното крвавење во однос на КГ (п<0,05).

Ефектите од применетите средства за локална хемостаза сигнификантно не се разликуваат во однос на вредностите на постоперативното крвавење, одредени една недела по изведените оралнохируршки интервенции.

Поглавјето Дискусија, на 32 страници содржи анализа и компарација на добиените резултати.Авторот дава темелни толкувања за евалуираните наоди,истовремено споредувани со резултатите од други автори.Гледано од поширок аспект, ова истражување ги проширува и ги продлабочува знаењата за тромботичките состојби и антитромбоцитната терапија, поткрепени со најновите дијагностички и клинички испитувања,како предуслов пред изведувањето на оралнохируршките интервенции.Во овој труд, докторандот добил одговор за специфичниот приод,подготовката и реализацијата на индицираните оралнохируршки интервенции,како и обезбедување на локална хемостаза кај пациентите со антиагрегациска терапија.На тој начин е обезбедено исклучување на постојните можности за ризик од пролонгирано крвавење и епизоди на евентуални тромбоемболични компликации.

Во седмото поглавје, Заклучок, резултатите добиени од испитувањето по наведената методологија на работа и нивното споредување со наодите од други автори, изведени се 11 заклучоци:

-според резултатите добиени од лабораториските анализи, направена е неопходна категоризација на пациентите индицирани за оралнохируршки интервенции според ризикот од развивање на тромбоемболички испади и постоперативна хеморагија.

-од хематолошки аспект, бројот и агрегацијата на тромбоцитите,заедно со времето на крвавење, се исклучително релевантни за процена на постоперативното крвавење.

-еден ден по изведувањето на оралнохируршките интервенции, вредностите на индексот на крвавење сигнификантно се разликуваат меѓу испитаниците со прекината и континуирана антитромбоцитна терапија.Индивидуите со континуирана антиагрегациска терапија имаат значајно почесто знаци на примарно и минимално крвавење кое брзо престанува и ефектно коагулира.

-индексот на крвавење одреден 24 часа, постоперативно статистички сигнификантно не се разликува во зависност од сложеноста и тежината на оралнохируршките интервенции.

-испитуваната корелација меѓу времетраењето на антитромбоцитната терапија и индексот на крвавење 24 часа по оралнохируршките интервенции е позитивна и статистички несигнификантна.

-пациентите со моно и двојна антиагрегациска терапија незначајно статистички се разликуваат во однос на количината на интраоперативното крвавење (п>0,005).

-според користеното средство за локална хемостаза, статистичката анализа покажа дека нема сигнификантна разлика помеѓу споредуваните групи.

-постоперативно, на посебните контролни прегледи во текот на првиот,вториот,четвртиот и седмиот ден кај испитаниците со прекината и континуирана антитромбоцитна терапија не се регистрирани никакви тромбоемболички испади.

За спроведување на безбеден оралнохируршки третман кај пациентите со антитромбоцитна терапија, авторот ги предлага следниве принципи:

  • внимателна и темелна евалуација на пациентите преку детална, општа и локална анамнеза, со правилен план и процена на оралнохируршкиот третман;

  • следење на наодите од лабораториските резултати е од исклучително значење со определување на ензимскиот статус за детерминирање на степенот на ризик од тромбоемболички испади, додека со хематолошките анализи се прави стандардизација на постоперативната хеморагија преку агрегометриската евалуација на тромбоцитите;

  • мултидисциплинарна корелација со интернисти, кардиолози,невролози и хематолози;

  • задолжителна примена на локални средства за хемостаза;

  • следење на пациентите во постоперативниот период со редовни контролни прегледи.

Во последното поглавје, Библиографија, уредно се цитирани 186 референци со најнови научни сознанија, главно од англиското говорно подрачје, од кои поголемиот дел се од понов датум.


ЗАКЛУЧОК


Рецензетската комисија, по темелно спроведеното анализирање и проучување на поднесената докторска дисертација под наслов ,,Импликација на континуираната антитромбоцитна терапија врз интраоперативното и постоперативното крвавење при изведувањето на оралнохируршките интервенции “,од ас. д-р Едвард Јанев, констатира дека докторската дисертација претставува самостоен оригинален и автентичен научно-истражувачки труд, кој во себе ги содржи сите потребни елементи предвидени за научен труд од ваков вид.

Јасно и прецизно поставените цели на истражувањето, издржаната методолошка поставеност на работата и добиените резултати од овој дисертациски труд претставуваат сериозен научен придонес во оралнохируршкиот третман на пациентите со антитромбоцитна терапија.

Прецизната евалуација на селектираните карактери и стил ја прават дисертацијата оригинална и автентична која ќе има значаен придонес на полето на македонската стоматолошка наука.

Добиените резултати, освен функционална, поседуваат и апликативна вредност во однос на насочувањето на стоматолошкиот практичар за адекватен стоматолошки третман на пациентите со антитромбоцитна терапија, како и блиска интердисциплинарна соработка со интернистите, кардиолозите, невролозите и хематолозите.


ПРЕДЛОГ


Земајќи ги предвид горенаведените претходно споменати констатации, Рецензентската комисија едногласно смета дека од формален и суштински аспект се исполнети сите потребни критериуми за готова и завршена докторска дисертација и има чест и задоволство да му предложи на Наставно-научниот совет да го прифати позитивниот рецезентски извештај,давајќи понатамошен процедурален тек, односно да му овозможи на ас.д-р., Едвард Јанев одбрана на својата докторска дисертација.


Рецезентска комисија:


1.Проф.д-р.Борис Величковски с.р.


_____________________________

2.Проф. д-р.Стојанка Костовска с.р.


______________________________

3.Проф.д-р.Марија Накова с.р.


______________________________


4.Проф. д-р.Митко Ќаев с.р.


______________________________


5.Проф.д-р.Владимир Поповски с.р.


______________________________


Поставете бутон на вашия сайт:
Документация


Базата данни е защитена от авторски права ©bgconv.com 2012
прилага по отношение на администрацията
Документация
Дом